Подглавна секција Украинскиот амбасадор во ОБСЕ: Не можеме да градиме иднина на ОБСЕ со...

Украинскиот амбасадор во ОБСЕ: Не можеме да градиме иднина на ОБСЕ со земја-киднапер на нашата иднина

Тој во своето обраќање изрази благодарност до сите земји за поддршката на Украина во борбата за слобода против Русија, со кое, како што рече, придонесуваат и за одбрана на иднината на ОБСЕ

Украинскиот амбасадор во ОБСЕ; Извор: Принтскрин од снимка на ОБСЕ

Симболично, покажувајќи пет зрна изгорени од Русија со ирански дрон, Евгениј Цимбаљук во обраќањето на Министерскиот совет во Скопје, рече дека Русија досега има уништено стотици илјади тони житарки, со што, како што нагласи, остави многу семејства низ целиот свет без храна.

Тој во своето обраќање изрази благодарност до сите земји за поддршката на Украина во борбата за слобода против Русија, со кое, како што рече, придонесуваат и за одбрана на иднината на ОБСЕ.

ОБСЕ во изминатите две години, според Цимбаљук, покажа дека е најкорисно, кога ги игнорира уцените од Русија, и кога со неа се зборува од позиција на обединетост и морално право.

„Во спротивно Русија ќе бара, уште и уште отстапки. Јасно е дека не можеме да ја градиме иднината на ОБСЕ, со земја која ја киднапира нашата иднина и нашите деца“, порача Цимбаљук.

Во десеттата година од анексијата на Крим, во 2024 година, според Цимбаљук, ОБСЕ како никогаш досега има потреба од силно лидерство од одбрана на принципите на Организацијата, со дополнителна изолација на Русија и нејзините малигни акции во рамките на истата.