Свет Европа Украина успеала да ослободи седум населени места во досегашната контраофанзива

Украина успеала да ослободи седум населени места во досегашната контраофанзива

Би-би-си ги пренесува и предупредувањата на неименувани високи западни функционери дека е нереална идејата оти руските сили ќе се преплашат пред украинските напади, додавајќи дека придобивките кои официјален Кијив ги остварил се добиени „со висока цена“

Извор на фотографија: Укринформ

Украинските воени сили во досегашната контраофанзива успеале да ослободат седум населени места или површина од 90 квадратни километри во изминативе денови, пишува Би-би-си.

Заменик-министерката за одбрана на Украина Хана Малиар преку Телеграм информираше дека украинските сили успеале да напредуваат во близина на градот Бахмут во Донбас и на југ во регионот Запорижја. Сепак, и таа признава дека руските сили имаат цврста одбрана во некои од окупираните области.

Би-би-си ги пренесува предупредувањата на неименувани високи западни функционери дека е нереална идејата оти руските сили ќе се преплашат пред украинските напади, додавајќи дека придобивките кои официјален Кијив ги остварил се добиени „со висока цена“.

„Руските сили генерално поставија добра одбрана“, велат изворите на Би-би-си кои додаваат дека напредувањето на украинските сили во моментов е бавно.

Сепак, Би-би-си додава дека е прерано да се каже колку е ефикасна офанзивата на Украина. Западните официјални функционери предупредуваат и дека Русија имала период од неколку месеци за да ги подготви своите одбранбени линии на окупираните територии во Украина.

Во меѓувреме, украинските власти ја обвинуваат Русија дека со континуирани ракетни напади низ нивната територија сака да го одврати вниманието од нивната контраофанзива.

Гардијан го пренесува билансот на загинати и повредени цивили во Украина од ракетните напади извршени од руските сили. Во Херсонскиот регион загинале најмалку двајца цивили откако руска ракета паднала врз станбена зграда во градот Новоберислав. Двајца цивили биле повредени во овој регион, а податоците покажуваат оти 10 лица од Донецкиот регион биле повредени во ракетните напади. Сирените за воздушни напади утрово повторно се огласија во главниот град Кијив, а напад со камикази-дронови имало и врз регионот Миколаив на југот на Украина.