Подглавна секција Украина тврди дека го враќа теренот во Бахмут, Зеленски во посета на...

Украина тврди дека го враќа теренот во Бахмут, Зеленски во посета на Италија

Во најновиот брифинг на британското разузнавање се вели дека украинските сили вратиле најмалку еден километар од територијата во Бахмут поради руското повлекување, што го одразува „сериозниот недостиг на веродостојни борбени единици“ кај Русија

Бахмут (март 2023) / фото: Укринформ

Украина вели дека го вратила теренот во Бахмут, што претставува редок напредок по неколкумесечните успешни руски офанзиви во овој источноукраински град.

Би-би-си пишува дека, според властите во Кијив, украинските сили напредувале 2 километра за една недела. Русија, пак, соопшти дека нејзините трупи се „прегрупирале“ во една област.

Тврдењата сигнализираат промена на ситуацијата во Бахмут, но нема јасен доказ за украинската контраофанзива. Сепак, две експлозии биле пријавени вчера во Луганск, градот окупиран од Русија.

Слики објавени на социјалните мрежи покажуваат голем црн чад што се издига од градот кој се наоѓа на околу 90 километри зад линијата на фронтот во источна Украина.

Експлозиите се случуваат еден ден откако Обединетото Кралство соопшти дека ѝ испорачало на Украина крстосувачки ракети со долг дострел „Storm Shadow“.

„Гардијан“ пренесува дека во најновиот брифинг на британското разузнавање се вели дека украинските сили вратиле најмалку еден километар од територијата во Бахмут поради руското повлекување, што го одразува „сериозниот недостиг на веродостојни борбени единици“ кај Русија.

Овој медиум пренесува и дека во руски напади во јужниот украински град Миколаив утрово биле повредени три лица. Руските сили гаѓале локална фабрика, оштетувајќи ги и блиските станбени згради и предизвикувајќи пожари во три стана.

„Кијив Индепендент“ објави дека во главниот украински град во текот на ноќта се огласиле сирените за воздушен напад.

Укринформ јавува дека напади имало и во регионот Хмелницки, каде бројот на повредени се зголеми на 11. Едно лице е пренесено во болница, но неговиот живот не е во животозагрозувачка состојба.

Инаку, повикувајќи се изјава на Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател, Укринформ пишува дека Германија најавила нов пакет воена помош за Украина во вредност од 2,7 милијарди евра.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска е во посета на Рим, за што на Твитер напиша дека било важно за „приближување кон победата на Украина“.