Свет Европа Украина ја обвини Русија дека намерно цели кон спасувачки тимови во нападите

Украина ја обвини Русија дека намерно цели кон спасувачки тимови во нападите

Зеленски ги обвини руските сили дека најпрво гаѓаат цивилни објекти за да ги доведат спасувачките тимови на местото на настанот, а потоа со втора ракета целат на самите спасувачи

Фото: Државна служба за итни случаи на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека безмилосно ги напаѓа спасувачките тимови при ракетирањето на цели во Украина, пренесува Јуроњуз. Изјавата на Зеленски доаѓа по вчерашниот напад врз станбени згради во градот Покровск во Донецкиот регион во кој загинаа девет лица, а повредени се над 80.

Зеленски ги обвини руските сили дека најпрво гаѓаат цивилни објекти за да ги доведат спасувачките тимови на местото на настанот, а потоа со втора ракета целат на самите спасувачи. Инаку, токму најголемиот дел од повредените лица во Покровск се полицајци, лекари, пожарникари и војници кои по ракетниот напад побрзаа да помогнат во пронаоѓањето на преживеани под урнатините на станбената зграда, а кои беа ракетирани од руските сили. Ваквата воена тактика Русија претходно ја користеше и за време на војната во Сирија.

Руското Министерство за одбрана пак утрово информираше дека соборило два украински дрона во близина на Москва, кои имале за цел да го нападнат рускиот главен град. Нема жртви во нападот со дронови. Инаку, украинските напади со дронови на Русија зачестија во изминативе недели, при што најчеста мета на нападите се Москва и полуостровот Крим.

Воените дејствија во Украина продолжуваат со несмалено темпо, при што најжестоки се битките во близина на градот Купјанск во Харкивскиот регион, јавува Укринформ. Украинската заменик министерка за одбрана Хана Малиар информира дека Русија преместила дел од своите сили во близина на овој град и дека украинските војници преземаат мерки за да ја одбијат руската намера за пробивање на одбранбената линија.

Како последица на руските воени дејствија, во изминативе 24 часа се регистрирани по двајца повредени цивили во Донецкиот и Херсонскиот регион, како и еден повреден во регионот Запорижја. 18-годишно момче загина во рускиот ракетен напад врз градот Никопол во Днипропетровскиот регион, додека тројца цивили биле повредени, пренесува Укринформ. Руските сили погодиле црква и куќи за живеење во Никопол, при што е предизвикана и материјална штета.