Свет Балкан Уапсени 6.000 лица по обидот за пуч во Турција

Уапсени 6.000 лица по обидот за пуч во Турција

Најмалку 6.000 лица се уапсени по обидот за државен удар во Турција, изјави турскиот министер за правда, Бекир Боздаг.

– Операцијата за чистење продолжува. Помеѓу уапсените има војници, офицери и судии – нагласи Боздаг.

Во судирот кој изби откако војската се обиде да изведе пуч, загинаа најмалку 265 лица, а ранети се повеќе од 1.000.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно изјави дека парламентот ќе го разгледа враќањето на смртната казна.

Ердоган за организирање на пучот го обвини Фетулах Ѓулен за кого побара и екстрадиција од САД.

Ѓулен во интервју за новинарите во Пенсилванија, каде што живее, наведе дека можно е пучот да бил изрежиран и го повика турскиот народ на воената интервенција да не гледа во позитивно светло.

Тој изјави дека демократија не може да се постигне по пат на воени акции и ја критикуваше владата на претседателот Ердоган.