Свет Уапсени 10 лица во Бразил кои планирале напад за време на Олимписките...

Уапсени 10 лица во Бразил кои планирале напад за време на Олимписките игри

Бразилската полиција уапсила 10 лица осомничени дека подготвувале терористички напади за време на Олимписките игри, кои на 5 август треба да почнат во Рио де Женеиро, јавуваат светските медиуми.

Според бразилските власти, осомничените не биле членови на Исламска држава, но се обиделе да стапат во контакт со терористичката група.

Од министерството за правда соопштиле дека групата била во подготвителна фаза на нападите и дека полицијата дејствувала превентивно.

Сите уапсени членови на групата биле Бразилци, а полицијата трага по уште две осомничени лица.

Дел од нив, според полицијата, се обиделе да стапат во конктакт со продавач на оружје во соседен Парагвај и да набават автоматски пушки, но засега нема докази дека купиле некакво оружје.

Како што е најавено, повеќе од 80.000 полицајци и војници ќе патролираат низ улиците на Рио де Женеиро и ќе се грижат за безбедноста на Олимписките игри, кои ќе траат до 21 август.