Македонија ТВ-дебати: Ги немаше, а сега нè заковаа пред екраните

ТВ-дебати: Ги немаше, а сега нè заковаа пред екраните

Дебатите, по неколкугодишно затишје, се вратија во полна сила на телевизиите.

Вчеравечер, на пример, речиси истовремено на дури пет телевизии имаше дебатни емисии – сите на иста тема: Заев, Груевски, „бомбите“, судството, кризата, образованието…

На „24 Вести“ во „Вин-вин“ беше Владимир Лазаревик, на „Телма“ во „Топ-тема“ гостуваа професорите Кирил Барбареев, Енвер Aјдини, Елизабета Секирарска и Камелија Бушљетиќ, на „Алсат-М“ Саше Димовски и Суад Мисини, на „Нова ТВ“ гостуваше Стево Пендаровски, а на МТВ во емисијата „Акцент“ новинарите Борјан Јовановски, Васко Ефтов и Драган Павловиќ-Латас.

Минатата пролет, за време на претседателските и парламентарите избори, дебатите и телевизиите што ги емитуваа се броеја на прсти. Сега, за новите случувања, почнувајќи од студентските и од средношколските протести, „бомбите“ на Заев, акцијата „Пуч“ и случајот со смртта на малата Тамара, уредниците на телевизиите организираат дебатни соочувања со универзитетски професори, политичари, новинари и со експерти.

Пред два месеци на телевизија „Телма“ почна да се емитува дебатната емисија „Топ-тема“, секој работен ден во 20.15 со Сања Васиќ, Александар Чомовски, Снежана Лупевска и со Боби Христов.

– Ја воведовме „Топ-тема“ затоа што почувствувавме дека има потреба од таква емиисија. Првото искуство е одлично. Одлично е примена и добивме голема гледаност. Таа сега ни е најгледаната емисија. Изненадени сме пријатно од одѕивот на соговорниците. Иако сите нè уверуваа дека нема соговорници, се поикажа дека и ним и на гледачите им е потреба дебата – ни рече Сања Васиќ, одговорен уредник на „Телма“.

На телевизија „Алсат М“ има две дебатни емисии кои третираат дневно актуелни теми. Емисијата „Патот кон“ ја води уредникот на телевизијата, Мухамед Зекири, и се емитува секој четврток во 21.45 часот.

Емисијата „360 степени“ ја води новинарот Васко Попетревски и се емитува во понеделник, среда и во петок во 22.30 часот, а трае половина час во кој, најчесто двајца соговорници, даваат аналитички приод кон акутелни и релеватни теми.

Порталот „Нова ТВ“ воведе емисија „Нова дебата“, во која прашања, освен новинарите, може да поставуваат и корисниците на „Фејсбук“ и на „Твитер“.

– „Нова дебата“ е веб, стрим и видеопроект на „Нова ТВ“ со кој ги искористуваме можностите на интернетот за да обезбедиме повеќе и поквалитетна јавна дебата во домашната јавност. Наша цел е важните општествени и политички прашања да ги изложиме на јавна дебата и да овозможиме граѓаните да дискутираат. Обезбедуваме актуелни гости, говорници и соговорници, кои ќе ги изложуваме на аргументации, сомнежи и на прашања поставени од нашите модератори и новинари, но и од твитерџиите, фејсбук-корисниците и од другата интернет-публика – вели Биљана Секуловска, генерален менаџер на „Нова ТВ“.