Свет Европа Туск: Единството е единствен начин ЕУ да опстане

Туск: Единството е единствен начин ЕУ да опстане

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, по повод 60 години од постоењето на Европската Унија, изјави дека единството на 27-те земји членки е единствен начин да се осигури нејзиниот опстанок.

– Европа, како политички ентитет, или ќе биде обединета или нема да ја има воопшто – им порача Туск на лидерите на 27-те земји кои се собраа во Рим да одбележат шест децении од потпишување на Римскиот договор, со кој е основана ЕУ.

Туск на свечената седница рече дека „единствено обединета Европа може да биде суверена Европа во односот со остатокот од светот“.

– Само суверена Европа гарантира независност на своите земји, гарантира слобода на своите граѓани – рече Туск.

Самитот го отвори премиерот на Италија, Паоло Џентилони, кој рече дека лидерите на ЕУ мораат да ја заслужат поддршката на половина милијарда жители и да се спротивстават на растечкиот национализам во Европа, на создавање работни места и на намалување на социјалната нееднаквост.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, изјави дека одбележувањето на 60-годишнината од основачкиот договор на ЕУ „е многу тажен момент“ без учеството на Велика Британија.