Свет Балкан Турција: Полицијата интервенираше на протестите на наставниците и на учениците

Турција: Полицијата интервенираше на протестите на наставниците и на учениците

Стотици ученици и професори во Турција денеска ја бојкотираа наставата во знак на протест поради зголемените верски содржини во наставата, а полицијата во Измир употреби водени топови за да ги растури илјадата демонстранти собрани на протесниот марш.

Светските агенции јавуваат дека најмалку 10 лица се уапсени во пет градови во Турција поради организираниот бојкот и поради уличниот марш на кој се носеле транспаренти со натписи, со кои се бара секуларност и образовен систем темелен на наука.

Бојкотот на училиштата го организираа синдикатот на наставници и здруженијата на малцинската алевитска заедница.
Заговорниците на световната традиција во Турција тврдат дека претседателот Реџеп Таип Ердоган гради систем насочен кон исламското учење, за да ја оствари целта – одгледување „побожни генерации“, при што Владата во последните години ја ублажи забраната за носење шамија на глава и го зголеми бројот на верските училишта и на часовите.

Делови од некои граѓански училишта се одземани за да се направи повеќе место за учениците на верското училиште „Имам Хатип“, за кое се залага Ердоган, а во кое момчињата и девојчињата имаат одделна настава.