Свет Турција: Ирак пречи во единството во борбата против ИД

Турција: Ирак пречи во единството во борбата против ИД

Претставникот на Турција во Обединетите нации го обвини Ирак дека со своите акции го минира меѓународното единство во борбата против Исламска држава.

На вонредната седница на Советот за безбедност на ОН, претставникот на Турција, Халит Чавик, изјави дека Багдад со своите акции го минира меѓународното единство во борбата против ИД.

Тој го коментираше обраќањето на шефот на дипломатијата на Ирак, Ибрахим ел Џафари, во Советот за безбедност, кој упати молба да се усвои резолуцијата за ситуацијата на северот на земјата каде што се наоѓаат турски војници.

– Од самиот почеток се обидувавме да го решиме ова прашање по билатерални канали, затоа што дискутирање на различни меѓународни собири за ова прашање нема ниту една друга цел освен минирање на единството на меѓународната заедница против ИД – вели Чавик.

Тој нагласи дека распоредувањето на војници на северот на Ирак било извадено од контекст. Чавик додаде дека Анкара никогаш немала каков било интерес да го крши ирачкиот суверенитет.

Турските војници беа пратени на северот на Ирак во областа Мосул, која повеќе од една година ја контролираат терористи на ИД.