Свет Балкан Турската опозиција ќе побара поништување на референдумот

Турската опозиција ќе побара поништување на референдумот

Главната опозициска партија во Турција, Народно-републиканската партија (НРП), најави дека денеска ќе ѝ достави на Државната изборна комисија барање за поништување на референдумот, кој се одржа во неделата.

Заменик-претседателот на НРП, Булент Тезџан, изјави дека ќе ја поднесе жалба до комисијата.

НРП вчера повика на поништување на гласањето и изјави дека ќе го постави прашањето и до Европскиот суд за човекови права, откако Државната изборна комисија во последен миг ги прифати како важечки гласачките ливчиња без печат.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пак, денеска се јави со осуда за „крстоносниот менталитет на Западот“, откако европските набљудувачи го критикуваа референдумот што му дава нови поголеми овластувања. Ердоган пред маса поддржувачи со развеани знамиња кажа дека набљудувачите од странство „треба да си го знаат местото“, како и дека Труција не ги признава критиките дека гласањето не било според меѓународните стандарди.