Економија Туристичката соработка на земјите од регионот е важна за развојот на туризмот

Туристичката соработка на земјите од регионот е важна за развојот на туризмот

За креирање заеднички туристички понуди за настап на трети пазари, за зголемување на бројот на туристи и за туристичката соработка помеѓу земјите, разговараа претседателот на туристичко-угостителската комора при Сојуз на стопански комори ССК, Аркан Керим, и амбасадорите на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и на Албанија во Македонија.

– Нашата цел е продлабочување и интензивирање на туристичката соработка помеѓу земјите и подготвување квалитетни туристички услуги заради привлекување туристи од трети земји. Авиолинија Скопје – Подгорица – Сараево, како и автопат Скопје – Приштина ќе овозможат зголемување на бројот на туристи од Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Албанија, а со Србија потребна е поголема заедничка промоција на туристичките дестинации во двете земји – изјави Керим.

Соговорниците истакнале дека за државите е многу значајно создавање на заедничка агенда за развој на туристички продукти и менаџмент–дестинации, бидејќи заедничкиот настап овозможува поатрактивна понуда за туристите чиишто дестинации се европските и балканските земји.

Земји со најголем потенцијал за дојдовен туризам сметаат дека се Кина, Јужна Кореја, Малезија, Иран, Хонг Конг, Канада и Америка.

Туристичко-угостителската комора при Сојуз на стопански комори во блиска иднина ќе потпише договор за соработка со туристичките комори од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Албанија со што ќе се овозможи понатамошна уште поинтензивна меѓусебна соработка.