Подглавна секција Турција утре гласа на претседателски и парламентарни избори

Турција утре гласа на претседателски и парламентарни избори

Аналитичарите предвидуваат рекорден одзив на гласачи и тесна трка меѓу Ердоган и главниот опозициски кандидат Кемал Каличдароглу

Предизборен плакат на опозицискиот кандидат во срцето на Истанбул; Фото: Мета.мк

Невидени предизвици кои би можеле да стават крај на дводецениското владеење на Реџеп Таип Ердоган го очекуваат турскиот претседател на претседателските и парламентарните избори што утре ќе се одржат во Турција.

Гласачите ќе одлучуваат за судбината на турската демократија помалку од три месеци по земјотресот на 6 февруари кога загинаа повеќе од 50.000 лица, а се раселија над 5,9 милиони граѓани од јужна Турција и северна Сирија.

Си-ен-ен пишува дека изборите се одржуваат во услови на сериозна економска криза и демократска ерозија под власта на Ердоган.

Аналитичарите предвидуваат рекорден одзив на гласачи и тесна трка меѓу Ердоган и главниот опозициски кандидат Кемал Каличдароглу – лидерот на Републиканската народна партија и претседателски кандидат за шестпартитниот блок Алијанса на нацијата.

Демографијата на земјата исто така се очекува да игра улога на изборите. Повеќето провинции погодени од земјотресот во февруари беа упоришта на Ердоган и неговата Партија за правда и развој. Сепак, најмалку еден милион гласачи од зоните погодени од земјотресот се очекува да не гласаат поради раселувањето.

Би-би-си пишува дека Каличдароглу има блага предност на анкетите и дека неговите поддржувачи се надеваат оти тој би можел целосно да победи на утрешните избори, освојувајќи 50 отсто од гласовите, наместо да се соочи со втор круг две недели подоцна.

Во трка за претседател на Турција остануваат тројца кандидати – покрај Ердоган и Каличдароглу, за претседателското место се бори и Синан Оган од десничарскиот Сојуз на предците.

Би-би-си пренесе дека Мухарем Инџе се повлече од претседателската трка во четвртокот, жалејќи се дека бил цел на напади на социјалните мрежи преку лажни сексуални видеа кои „манипулирале со електоратот“.

Главниот опозициски кандидат ја обвини Русија за видеата, а Кремљ негираше каква била вмешаност во изборите во Турција.

Медиумите пишуваат дека партијата на Ердоган сè уште има силна поддршка, која главно доаѓа од националистичката партија МХП и другите помали групи во неговиот Народен сојуз.

Повеќе од 64 милиони луѓе се очекува да гласаат на изборите во Турција во недела. За да победи еден од кандидатите, потребно е да обезбеди повеќе од половина од гласовите. Во спротивно, претседателските избори ќе продолжат со втор круг на 28 мај меѓу двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови.

Турција пред избори: Од ветувања за бесплатен интернет за млади до политички спотови со ракија