„Ветување за вас! 5 гигабајти месечен интернет ќе биде бесплатен за младите“, е пораката на еден од многубројните билборди низ улиците на Истанбул на главниот опозициски кандидат Кемал Киличдароглу пред претседателските избори, кои во Турција ќе се одржат на 14 мај. Реџеп Таип Ердоган не останува без одговор. Во една од предизборните реклами на телевизиите, со слоганот „Продолжете со вистинските чекори“, на младите им ветува 10 гигабајти бесплатен интернет месечно, како и даночно ослободување за набавка на мобилни телефони и компјутери.

Ветување за 5 гигабајти бесплатен месечен интернет на опозицискиот кандидат на улиците на Истанбул; Фото: Мета.мк

На една недела пред одржувањето на претседателските и парламентарните избори, турските граѓани живеат со предизборното лудило од билборди и телевизиски спотови преполни со ветувања. Ветувањата за бесплатен интернет добредојдено доаѓаат во ушите на гласачите во земјата, која 2022 година ја заврши со годишна стапка на инфлација од дури 64,27 отсто.

Претстојните избори се сметаат за исклучително непредвидливи, земајќи ги во предвид досегашните тесни резултати на кандидатите Киличдароглу и Ердоган на анкетни испитувања на јавното мислење пред одржувањето на изборите на 14 мај. Многу веројатна е и опцијата во Турција да се одржи втор круг од претседателските избори на 28 мај, доколку ниту еден од кандидатите не освои над 50 отсто од гласовите во првиот круг.

Продолжете со вистинските чекори, слоган на Ердоган со ветување за 10 гигабајти бесплатен интернет, објавен на една од турските телевизии; Фото: Мета.мк

На улиците и плоштадите на Истанбул, невозможно е да се избегнат бројните пораки упатени од политичките ривали кон граѓаните. Окото од камерата на Мета.мк забележа дека во европскиот дел и централните четврти на Истанбул доминираат политичките пораки испратени од опозицискиот кандидат Киличдароглу, додека побројни плакати на Ердоган се забележливи во азискиот дел и приградските населби на Истанбул. Ваквото пласирање на предизборните пораки е разбирливо, земајќи ја во предвид намерата на противничките кандидати да го мобилизираат своето традиционално гласачко тело.

Опозициските политички плакати доминираат во европскиот дел на Истанбул; Фото: Мета.мк

Сепак, победникот на изборите во Турција ќе го определат неопределените гласови, пред чии очи се исцртуваат ветувањата за идниот општествен развој на Турција, секуларноста наспроти мешањето на религијата во државните прашања, демократијата наспроти авторитаризмот, или поедноставено, драматичниот избор меѓу Истокот и Западот.

„Младите ја сакаат демократијата. Тие не сакаат полицијата да им тропне на нивна врата рано наутро само поради тоа што тие напишале твит“, вели опозицискиот кандидат Киличдароглу за Би-би-си.

Тој ветува дека ќе им донесе демократија и слобода на изразување во Турција, овозможувајќи им на младите да го критикуваат откога ќе дојде на власт. Сепак, многумина се скептични оти турскиот претседател Ердоган нема да си дозволи да ги доведе под знак прашање изборните резултати доколку не бидат во негова корист. Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу веќе јавно изјави дека гласањето „ќе биде обид за државен удар од Западот“, пишува Би-би-си.

Познатиот турски бренд на алкохолен пијалак „Јени Раки“ деновиве пак објави комерцијален спот, кој веќе доби своевидна политичка конотација. Власта предводена од Ердоган забрани рекламирање на алкохол уште во 2013 година. Сепак, спотот за „Јени Раки“ којшто се шири онлајн и е наменет првенствено за турската дијаспора и меѓународната јавност, започнува со клучното прашање: „Како ќе го прославиш тој ден кога ќе дојде?“, пишува Глобал Војсис.

Иако „Јени Раки“ официјално го објави спотот во пресрет на 100-годишнината од основањето на модерната турска држава што ќе се одбележи на 29 октомври 2023 година, многумина на социјалните мрежи го интерпретираа комерцијалниот спот со изборите на 14 мај. Видеото исполнето со танцови движења, многу насмевки и пеење привршува со веројатно најмоќниот момент – жена гледа во камерата и вели дека ќе го прослави со враќањето назад.

Луис Фишман, долгогодишен набљудувач на Турција, на Твитер напиша дека рекламата „Кога ќе дојде тој ден“ е најновата, храбра реклама за турскиот бренд за алкохол „Јени Раки“, која му сугерира на гледачот за огромната радост од победата на опозицијата на претстојниот избори, но потоа открива дека всушност се слави стогодишнината на Републиката.

Друг корисник на Твитер истакна дека до прославата на стогодишнината од основањето на Турција има уште шест месеци, но сепак „Јени Раки“ ја објавил рекламата три недели пред изборите.

Актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган пак на еден од своите предизборни обраќања за себе си даде историско значење. На митингот на неговата партија во Ерзурум рече дека во изминативе 21 година успеале да го постигнат сето она што не било направено во претходните 80 години, потсетувајќи дека успеале да го отплатат целиот долг кон Меѓународниот монетарен фонд. Многумина конзервативни гласачи го поддржуваат неговиот став, оставајќи ја светската јавност во недоумица каков ќе биде исходот од претстојното гласање на претседателските и парламентарните избори во Турција.