Свет Балкан Ципрас со ултиматум: Или одржливо решение или големо „не“ за европските барања

Ципрас со ултиматум: Или одржливо решение или големо „не“ за европските барања

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, стави крај на шпекулациите за предвремени избори во Грција, но и на ставовите дека грчката влада ќе ги погази целосно црвените линии. На вчерашниот состанок со членови од владата во премиерскиот кабинет, Ципрас истакнал дека треба да се престане и да се заборави на сите идеи и разговори за предвремени избори и за референдум доколку договорот со меѓународните кредитори не биде во согласност со грчките барања.

„Заборавете на секоја идеја за избори и за референдум. Владата неодамна доби мандат од народот, од мнозинството на грчкиот народ и со тоа има и удобно мнозинство во грчкиот парламент“, изјавил Ципрас, според извори од неговиот кабинет.

Грчкиот премиер истакнал дека народот ги има поставено за да се справат со донесување тешки одлуки, коментирајќи дека сите биле свесни дека преговорите со кредиторите нема да бидат лесна работа.

Ципрас поставил ултиматум: или одржливо решение за Грција, кое ќе ја извади државата од кризата и од периодот на меморандуми за штедење, или одбивање секаков договор што ќе продолжи да ја уништува Грција.

Според Ципрас, на Грција ѝ е неопходно одржливо решение и грчката влада ќе работи кон тоа и ќе го понесе товарот за него, независно од тоа колку ќе биде тежок компромисот бидејќи Грција мора да излезе од кризата.

Тој децидно подвлекол дека доколку европските партнери инсистираат да продолжи кризата, поделеноста и потчинетоста на Грција, тогаш грчката влада ќе ги одбие нивните барања и ќе се бори во насока на зачувување на достоинството на народот и на државниот суверенитет.

М.П.