Свет Балкан Ципрас бара помош од ЕУ за проблемот со мигрантите

Ципрас бара помош од ЕУ за проблемот со мигрантите

Грција не може самостојно да го реши проблемот со илјадниците мигранти што доаѓаат од Сирија и од Авганистан, а на владата ѝ е неопходна помош од ЕУ, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас.

– Сега е време ЕУ да покаже дека е солидарна или во неа секој ќе настојува да ја заштити својата граница – рече Ципрас.

Агенцијата на ОН за помош на бегалците претходно денеска соопшти дека грчката влада треба да ја преземе контролата и да го реши „хаосот“ на своите острови, на кои пристигнале илјадници мигранти.

Директорот на УНХЦР за Европа, Винсен Коштел, по посетата на грчките острови Лезбос, Кос и Киос, изјави дека членките на ЕУ, исто така, мора да направат повеќе за да го споделат товарот со Грција, каде само во јули пристигнаа 50.000 мигранти.

– Приливот на мигранти во Грција е поголем од тоа што нашата држава може да го поднесе – рече Ципрас.