Хроника Царината заплени 34 килограми марихуана на преминот Дојран

Царината заплени 34 килограми марихуана на преминот Дојран

Царинските екипи вчера на граничниот премин Дојран кон Грција, заплениле 34 килограми марихуана, која била пронајдена во камион со македонски регистарски ознаки, соопштија денеска од Царинска управа.

Дрогата била спакувана во 35 пакетчиња сокриени во две црни патни торби.

„На 24 јули 2016 година, околу 16.30 часот, на излез од Република Македонија на граничниот премин Дојран се пријави товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од лице македонски државјанин. При контрола на товарот во полуприколката од страна на царинските службеници пронајдени се две црни патни торби со вкупно 35 пакетчиња (20 пакетчиња во едната и 15 во другата торба) наполнети со непозната материја од растително потекло со зеленкаста боја и карактеристична миризба, завиткани со фолија. Пакетчињата со непознатата материја и лицето се предадени на царинските инспектори од Одделението за истраги заради водење на понатамошна постапка. Од спроведената предистражна постапка утврдено е дека непознатата растителна материја спакувана во 35 пакетчиња преставува опојна дрога – марихуана со вкупна нето-тежина од 34 килограми“, стои во соопштението од Царината.

Оттаму додаваат дека одделението за истраги презема мерки за откривање на сите лица инволвирани во случајот, а по комплетирањето на сите докази ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.