Свет Балкан Тројца турски војници ќе бидат екстрадирани од Грција

Тројца турски војници ќе бидат екстрадирани од Грција

Тројца од осумте турски војници што бараа азил во Грција по обидот за воен удар против Ердоган ќе бидат екстрадирани назад во Турција. Грчкиот апелационен суд денеска одлучи тројца од војниците да бидат вратени во Турција бидејќи смета дека се виновни за обид за уривање на турската влада, опструкција на работата на собранието и за кражба на хеликоптер.

Одлуката предизвика големо изненадување бидејќи вчера истиот суд одлучи други тројца војници да не бидат екстрадирани како што бара турската влада и да бидат пуштени на слобода. Под знак прашалник останува судбината на уште двајца војници, за кои ќе се одлучува во следните денови.

Тројцата кои треба да бидат екстрадирани во Турција најверојатно ќе поднесат жалба до судот против одлуката.

Војниците пред судот се бранеа дека доколку бидат вратени во Турција, нема гаранција за нивниот живот и за добросостојбата на нивните семејства, како и дека најверојатно нема да имаат право на фер судење.

Осумтемина војници слетаа во Александруполи во јули годинава со турски хеликоптер веднаш по обидот за воен удар во Турција и побараа азил во Грција. Комисијата за азил ги одби барањата, но војниците се жалеа на суд и чекаат одлука од второстепената комисија за азил.

Случувањата со турските војници предизвикаа загриженост за нов инцидент меѓу Грција и Турција. Грчките власти, иако веднаш ја поддржаа турската влада, сепак беа растргнати меѓу турските притисоци и барања за екстрадиција од една страна и заканите на турскиот претседател и функционери дека пучистите може да се соочат со смртна казна ако бидат вратени назад во Турција.