Свет Европа Три милијарди евра и безвизен режим со ЕУ ако Турција ги задржи...

Три милијарди евра и безвизен режим со ЕУ ако Турција ги задржи мигрантите надвор од Европа

Турција ќе добие помош од три милијарди евра, безвисен режим за нејзините граѓани во шенген-зоната и рестартирање на закочените преговори со Европската унија доколку се справи со приливот на бегалци и успее да ги задржи мигрантите надвор од Европа. Ова се наведува во нацрт-заклучоците од акциониот план околу кој вечерва треба да се договорат Европската унија и Турција на самитот посветен на бегалската криза што се одржува во Брисел.

Како што јавуваат дел од светските медиуми, според предлог-договорот, Анкара ќе се залага за преземање остри мерки против шверцерските групи, кои ги пренесуваат мигрантите во Европа. Мигрантите, пак, ќе бидат задржани во кампови, кои ќе бидат финансирани од ЕУ, а потоа депортирани во нивните матични земји.

– Во сите досегашни процеси со Европската унија, беше потврдено дека проблемот со бегалците е далеку поголем за да може Турција сама да се справи. Во овој контекст се дискутираше многу и ние одлучивме да го прифатиме предложениот акционен план. Во текот на денот, ние ќе ги соопштиме одлуките што ќе имаат заедничка перспектива за проблемот со бегалците, како и забрзување на пристапниот процес кон ЕУ – изјави турскиот премиер, Ахмет Давутоглу.