Свет Европа Трамп во дводневна посета на Франција

Трамп во дводневна посета на Франција

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска пристига во дводневна посета на Франција, каде покрај средбата со францускиот колега Емануел Макрон, утре ќе присуствува и на парадата по повод францускиот државен празник, Ден на падот на Бастилја.

Макрон свечено ќе ги пречека Трамп и неговата сопруга Меланија, по што е превиден состанок во Елисејската палата. Макрон и Трамп по состанокот ќе одржат заедничка прес-конференција.

Првиот ден од посетата ќе заврши со вечера на двајцата претседатели и на првите дами на САД и на Франција на Ајфеловата кула.

Трамп утре ќе биде почестен гостин на традиционалната воена парада на Денот на падот на Бастилја, кој годинава ќе биде во чест на американските војници, по повод стогодишнината од влегувањето на САД во Првата светска војна, како и француските сили кои се борат против Исламска држава.

Последен американски претседател кој присуствувал на парадата беше Џорџ Буш Постариот во 1989 година, во чест на 200-годишнината од Француската револуција.

Падот на Бастилја се одиграл на 14 јули 1789 година и претставува симбол на Француската револуција. Денот за заземањето на Бастилја во Франција се слави како државен празник.