Македонија Тодоров: Сакаме да спречиме техничкиот министер да прави чистка во МВР

Тодоров: Сакаме да спречиме техничкиот министер да прави чистка во МВР

Вицепремиерот и министер за здравство, Никола Тодоров, кој ја преставува ВМРО-ДПМНЕ на меѓупартиските разговори, изјави дека очекува да биде постигнат договор на денешната средба што ќе се одржи во резиденцијата на американскиот абасадор Џес Бејли.

– Се разговара за ингеренциите на министерот за внатрешни работи и за тоа до кога министрите предложени од опозицијата ќе бидат во владата. ВМРО-ДПМНЕ бара доколку СДСМ изгуби на изборите, нивните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика и дополнителните заменици-министри да се повлечат веднаш по изборите, а доколку победи, за тоа нема потреба. ВМРО-ДПМНЕ бара оневозможување на масовни партиски промени во МВР, односно да нема масовни партиски чистки во МВР – изјави  Тодоров по доделувањето акредитации на првите три здравствени установи.

Според Тодоров, не е точно дека ВМРО-ДПМНЕ бара ресорниот министер предложен од СДСМ да нема никакви ингеренции.

– Никогаш ВМРО-ДПМНЕ не барало да се намалат ингеренциите, односно министерот за внатрешни работи да нема никакви ингеренции. Тоа е неточно и е желба за извртување на вистината за повторно да бидат во можност за масовни партиски чистки во МВР – изјави Тодоров.

Тој, исто така, посочи дека за време на преговорите за договорот во јуни-јули, кога се разговарало за ингеренциите на министерот за внатрешни работи, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, истакнал дека нивниот план не е да прават масовни смени, туку да направат максимум 12 смени.

– Она што го направија е смена на 400 лица во МВР. Тоа беше масовна партиска чистка што СДСМ во периодот на нивниот технички министер ја направи во МВР – рече Тодоров и додаде оти сега треба да се спречат и да се оневозможат партиски чистки во МВР и злоупотреба на МВР во политички цели.