Македонија „Титаник“: Груевски, Јанкулоска и Јанакиески на суд и за изборни злоупотреби

„Титаник“: Груевски, Јанкулоска и Јанакиески на суд и за изборни злоупотреби

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески наскоро ќе седнат на обвинителна клупа за случајот „Титаник“.

Од Кривичниот суд денеска соопштија дека Советот за оценка на обвинителен акт го одобрил обвинението на Специјалното јавно обвинителство во целост.

Првото рочиште сè уште не се закажано, а за терминот од судот додаваат дека дополнително ќе информираат.

„По одобрениот обвинителен акт формиран е кривичен предмет со КОК бр. 7/18 кој согласно АКМИС – електронскиот систем е распределен на понатамошно постапување, а откако ќе биде насрочена главната расправа, странките и јавноста ќе бидат дополнително известени“, стои во соопштението на Кривичниот суд.

Инаку, покрај Груевски, Јанкулоска и Јанакиески во „Титаник“ се обвинети и Мартин Протогер, поранешниот шеф на кабинетот на Груевски, екс генералниот секретар на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски и уште 15 лица.

Сите се товарат за злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и повреда на избирачкото право.

„Титаник“ беше првиот случај на Специјалното јавно обвинителство за кој беше отворена истрага во февруари 2016 година.