Дописници Тетово е на второто место според бројот на претставки до Омбудсманот

Тетово е на второто место според бројот на претставки до Омбудсманот

Над 370 претставки од Тетово се доставени до канцеларијата на народниот правобранител во 2017 година. Десет отсто од вкупните претставки се однесуваат на локалната власт. Граѓаните најчесто се жалат на деталните урбанистички планови, загаденоста, комуналните услуги, данокот на имот – информираат од невладината „Инфоцентар“. Тие во соработка со народниот правобранител Иџет Мемети и општина Тетово, денеска организираа јавна дебата во просториите на општината, чија цел е засилување на соработката на народниот правобранител со локалната власт.

-Имаме сознанија дека локалните самоуправи не се толку транспарентни и ефикасни во решавањето на проблемите на граѓаните и не толку ги вклучуваат граѓаните во процесите на донесување одлуки. Мора да има зачестена двонасочна комуникација помеѓу локалната самоуправа и народниот правобранител – мора да соработуваат, а да се преземат и превентивни мерки во тој контекст – рече Билјана Бејкова, извршниот директор на НВО „Инфоцентар“.

Градоначалничката пак, на општина Тетово, Теута Арифи, тврди дека локалната власт и народниот правобранител досега имаат добра институционална соработка.

-Од 12 претставки кои досега ги имаме добиено, 10 се однесуваат на прашања поврзани со исплати и 2 до инспекциски служби. Нивото на соработка е солидно и во иднина планираме така и да продолжи- изјави Арифи.

Најголем проблем за недоволно функционирање на односот локална власт-народен правобранител, според Мемети е тоа што граѓаните се уште немаат познавања во однос на нивните права, па заради тоа не знаат кога треба да се обратат до народниот правобранител, по однос на проблемите кои се во надлежност на локалната самоуправа.

-Недостасува промоција, комуникација и отвореност на локалните институции со граѓаните. Во Скопје има повеќе од 1.500 претставки годишно, а во Тетово од 300 до 500. Граѓаните треба почесто да доаѓаат да бараат заштита во однос на проблемите во надлежност на општините. Граѓаните не ги знаат доволно ниту надлежностите на локалната самоуправа. Исто така, нема ефикасност и ефективност кај локалната администрација во однос на давање информации на граѓаните – истакна народниот правобранител Иџет Мемети.