Македонија Tест за корона за 14 медицински лица и за четворица пациенти од...

Tест за корона за 14 медицински лица и за четворица пациенти од Заводот во Капиштец

Првиот пациент дијагностициран со корона вирус од Тетово, бил во Заводот за рехабилитација во Капиштец во периодот од 9 до 23 март, што е причина да се испитаат докторите и здравствените работници со кои тој бил во контакт, информира министерот за здравство Венко Филипче. Тој кажа дека во земјава досега се регистрирани 201 заболен пациент од корона вирус.

– Пациентот е неподвижен, две недели бил во Заводот, а за време на престојот имал само една посета. После испуштањето е индициран тест. Откако е добиен позитивен тест, упатен е на Клиниката за инфективни болести. Контактирани се сите лекари кои биле во конакт со него, односно епидемиолозите разговарале со 14 здравствени работници и четворица пациенти. На сите им е земен материјал согласно временскиот период- рече Филипче.

Во Македонија во последното деноноќие регистрирани се 24 нови случаи. Од нив, уште еден покрај петмината од вчера, е поврзан со Клиниката за кожни болести. Со ова, вкупната бројка на лица заболени од Ковид-19 е 201 лице. Според местото на живеење досега случаи се регистрирани во Скопје, Дебар, Куманово, Прилеп, Гостивар Тетово, Кавадарци и Велес. Денеска е испишан еден пациент од Дебар кој е во добра состојба со два негативни теста, а се подготвува испис на уште една пациентка од Скопје. Со ова имаме тројца излекувани и тројца починати пациенти.

– Владата вчера одлучи да се воведе забрана за движење за викенд во сабота и недела, од 16 часот до 5 часот следниот ден. Ова е мерка која дава добар резултат, ги ограничува на социјалните контакти. Тоа со сигурност става крај на ширењето. Од следната недела ќе бидеме подготвени и за мобилните тестирања, викендов ќе се селектираат уште пошироки групи, во градови во кои сметаме дека треба да има – рече Филипче.

Тој ја спомна поддршката на американската амбасада, со чија помош е доопремена централната лабораторија во Институтот за јавно здравје, во која се вршат сите тестирања. Има одговор од норвешката влада за респираторни машини, а се чека потврда и од Кина за набавка на вакви машини. Во следната недела ќе добиеме донација од 500.000 маски и 20.000 реагенси.

Филипче информира дека нашата земја ќе биде дел од студија за избор на најсоодветна терапија кај пациенти заболени со Ковид-19, која ја води Светската здравствена организација. Во тек е и онлајн тренинг организиран од универзитет во САД, за наши  здравствени работници, во кој се вклучени медицински сестри и 20 доктори, кои учат за искуствата, приемот на пациенти, проценката, пристапот, терапијата.