Дописници Тепачка меѓу навивачки групи од Црна Гора и од Македонија – 12...

Тепачка меѓу навивачки групи од Црна Гора и од Македонија – 12 повредени, двајца потешко

Дванаесет повредени е билансот од физичката пресметка меѓу навивачите на фудбалскиот клуб Шкендија и на ракометниот клуб Будуќност од Црна Гора. Инцидентот се случил попладнево кај Сушички мост, кој се наоѓа меѓу Мавровска крстосница и планинскиот премин Стража.

Според полициски информации, инцидентот настанал откако навивачите на Шкендија, кои оделе на фудбалски натпревар во Кичево, почнале да фрлаат тврди предмети кон навивачите на Будуќност, кои со два автобуси се превезувале до Скопје, каде оделе да го бодрат нивниот тим против екипата на Вардар.

Двајца од вкупно 10 повредени навивачи од Црна Гора, добиле тешки телесни повреди.

– Еден беше повреден во пределот на главата, му беше укажана помош тука и потоа беше испратен во Скопје за понатамошни испитувања. Уште еден беше повреден во грбот, наводно од камења. Беше во потешка состојба и беше испратен на клиника во Скопје. Деветмина други, со помали повреди по лицето и по телата, се прегледани тука, по што се пуштени на домашно лекување – изјави д-р Бекир Зеќири од гостиварската болница.

На повреди се пожалиле и двајца навивачи од Шкендија, но по укажаната помош во болницата во Кичево, пуштени се на домашно лекување.

Полицијата допрва ќе истражува како дошло до инцидентот, по што ќе следуваат соодветни мерки.