Свет Балкан Тачи: Нема укинување на специјалниот суд за воени злосторства на Косово

Тачи: Нема укинување на специјалниот суд за воени злосторства на Косово

Претседателот на Косово, Хашим Тачи денеска изјави дека не треба и нема да се укине специјалниот суд за воени злосторства, иако, како што рече, овој суд е историска неправда кон Косово, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

– Од почетокот на дебатата за овој процес во 2015 година реков, велам, а ќе кажам и утре дека специјалниот суд е историска неправда кон Косово. Тоа е нешто кое што треба да го проголтаме поради пријателството со меѓународните партнери – изјави Тачи на прес-конференција.

Тој рекол дека формирањето на овој суд било наметнато и дека постоеле две дилеми – дали тој да биде формиран од Косово во соработка со САД и Европската Унија или судот да го формира Советот за безбедност на Обединетите нации.

Тачи истакнал дека граѓаните на Косово поминале низ многу процеси пред домашната и меѓународната правда од кои излегле како невини и додал дека е докажано оти борбата на Ослободителната војска на Косово (ОВК) била праведна и чиста.

Инаку, специјалниот суд за воени злосторства треба да им суди на команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за злосторства извршени за време на конфликтот од 1998 до 2000 година.