Свет СЗО: Земјите што ќе ги укинуваат мерките да се подготват за нови...

СЗО: Земјите што ќе ги укинуваат мерките да се подготват за нови случаи на заболени

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус | Фото: СЗО, принтскрин од видео

На виртуелна средба со министрите за здравство на земјите-членки на Г20, директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека го охрабрува фактот што некои земји планираат да ги олеснат социјалните ограничувања, но дека тоа треба да биде спроведено во фази.

„Укинувањето на рестриктивните мерки не значи крај на епидемијата во ниту една земја, туку само почеток на следната фаза“ рече Тедрос.

Toj ги предупреди земјите што планираат да ги ублажат мерките да бидат подготвени да реагираат брзо во случај на нова епидемија на Ковид-19. Според него, од витално значење е земјите во таа следна фаза да се едуцираат, ангажираат и да ги подготват своите луѓе за да спречат и брзо да одговорат на секоја нова вирусна појава.

„Земјите да се осигураат дека имаат капацитет да тестираат, изолираат и да се грижат за секој случај, како и да го следат секој контакт и да се осигураат дека нивните здравствени системи имаат капацитет да се справат со секое зголемување на случаите“, додаде Тедрос.

Тедрос, исто така, изрази загриженост поради засилувањето на пандемијата на вирусот во сиромашните земји, на кои им недостигаат ресурси да се справат со голем број позитивни случаи.