Дописници СВР – Охрид организираше трибина за справување со мигранти

СВР – Охрид организираше трибина за справување со мигранти

СВР – Охрид организираше трибина на тема „Криумчарење и справување со мигранти“, која имаше цел да ја подигне јавната свест кај јавните превозници, но и кај граѓаните за опасностите од овој криминал, како и да ги подобри нивните способности и поблиску да ги запознае со начините и со методите на дејствување на мигрантите и на криумчарите.

Акцент бил ставен на потребата од превенција на појавните облици на овој вид криминал и на интензивирање на меѓусебната соработка за ефикасно сузбивање на криумчарењето мигранти и доследно спроведување на овластувањата на полициските службеници.

– Средбата имаше превентивен и едукативен карактер, а за зголемување на безбедноста и за ефикасна имплементација на одлуката за прифаќање и за транзит низ Република Македонија само на мигранти што потекнуваат од земји зафатени со воени конфликти и недозволен влез на мигранти од други држави. На трибината, претставниците на регистрирани такси-превозници и превозниците што вршат јавен превоз на патници од Охрид, беа запознати со одредби од Законот за азил, но и од кривичниот законик за криумчарење мигранти според кој, тој што врбува, превезува, пренесува, купува, продава, засолнува или прифаќа мигранти, ќе се казни со затворска казна од една до пет години – информираше Стефан Димоски, потпарол на СВР – Охрид.

На трибината покрај полициски службеници од полициската станица и граничната полиција Регионален центар – запад, присуствуваа и државни инспектори за транспорт, регистрирани такси-превозници и јавни превозници што вршат јавен превоз на патници од Охрид.