Македонија Судската администрација од утре стапува во штрајк

Судската администрација од утре стапува во штрајк

Синдикатот на работниците од управата, правосудните ограни и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска соопшти дека штрајкот во судовите, кој двапати беше одложуван, ќе почне утре и ќе трае сè до исполнувањето на нивнита барања, пренесува порталот „Нова ТВ“.

Од УПОЗ бараат повисоки плати и исплата на додатоци во висина од 35 отсто за судските службеници.

„УПОЗ и Здружението за судска администрација, за да се најде решение за исполнување на барањето за добивање и за исплата на додатоци на плата во висина од 35 отсто за судската служба, двапати донесоа одлука со која се одложи штрајкот првично најавен за 3 мај 2016 година. Одложувањето на штрајкот беше резултат на одлуката на Владата што ја донесе на 25. седница, на која ја усвои информацијата за обезбедување финансиски средства за зголемување на надоместоци и на додатоци на вработените во судовите и му препорача на Судскиот буџетски совет преку Министерството за финансии да обезбеди финансиски средства за таа намена“, се наведува во соопштението од УПОЗ до медиумите.

Во него се додава дека до денеска Синдикатот на УПОЗ нема добиено информација дали Министерството за финансии ќе постапи по препораките на Владата, поради што штрајкот во судовите ќе продолжи.

Подетални информации за штрајкот Синдикатот најавува за утре на прес-конференција.