Македонија Судењето за пожарот во тетовскиот ковид центар продолжи со изнесување на писмените...

Судењето за пожарот во тетовскиот ковид центар продолжи со изнесување на писмените докази

Фото: Фисник Џелили/Порталб

Во Основниот суд во Тетово денеска продолжи главната расправа на судењето на обвинетите лица за пожарот што лани го зафати тетовскиот ковид-центар, во кој животот го загубија 14 лица. Јавниот обвинител од Тетово денеска ги презентираше насловите на писмените докази во врска со овој случај.

Откако обвинителот заврши со презентирањето на писмените докази, одбраната на обвинетите лица Флорин Бесими, Артан Етеми и Бобан Вучевски и на правното лице Клиничката болница во Тетово реагираше дека освен читањето на насловите, на рочиштето треба да се образложат и понудените докази.

Воедно, одбраната реагираше дека дел од доказниот материјал е на англиски јазик без да има превод на македонски, но и дека имало фотокопии од документи кои се без потпис и печат и со тоа се невалидни како доказ. Тие реагираа дека некои од писмените докази на обвинителство не им се доставени на одбраната.

Судијата Јордан Велковски по ова ја одложи главната расправа, затоа што на денешното рочиште не беа присутни предложените сведоци на Обвинителството.

Главната расправа ќе продолжи на 16 јануари 2023 година, со вербални докази од сведоци кои се на предлог на Обвинителството.