Откако „Мета.мк“ објави за случајот во кој студенти обвинија професорка на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер (ФДТМЕ) на „Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ – Скопје дека им барала задолжително купување на книги за да може да им даде потпис за редовност, студентка од овој факултет испрати анонимна порака до нашата редакција за да ги демантира овие наводи.
Студентката што до „Мета.мк“ се обрати преку порака, не го откри својот идентитет, ниту пак кажа колку од нејзините колеги стојат позади нејзината изјава. Покрај тоа што демантира, анонимната студентка побара од нас како медиум да не објавуваме информации за случајот кои со сигурност не се точни или не се кажани од некој што е студент на овој факултет.
„Се објавуваат информации за нашиот факултет, поточно информации дека професорите од нас бараат пари за потписи и оценки, ви пишувам во име на студентите кои сме на овој факултет дека ги демантираме информациите кои го рушат кредибилитетот на нашиот факултет и професорите. Случката е пријавена во инспекција и затоа би ве замолила да не објавувате информации кои не се со сигурност точни и кои можеби не се кажани од некој што е студент на нашиот факултет“, вели студентката во пораката упатена до новинарот на „Мета.мк“.
Студентката додава дека таа полагала предмет кај засегнатата професорка и дека немала купено книга.
„Ја зедов книгата од братучедка ми бидејќи од книгата цртаме програми, ги нацртав и ѝ ја вратив“, вели студентката.
За волја на вистината, Новинската агенција Мета нема објавено непроверени и неточни информации во однос на овој случај. Сите изјави кои се објавени се земени од студенти на овој факултет со име и презиме. Исто така, сите информации кои се спомнати во објавените текстови кои се однесуваат на овој случај се проверени.
„Мета.мк“ објави дека студенти обвинија своја професорка дека за да добијат потпис за редовност ги условувала со купување на книги. Како доказ, студентите доставија принтскрин од порака која професорката им ја испратила на една од апликациите за разменување пораки. Во пораката пишуваше дека за да се регулира редовноста и студентите да добијат потпис, ќе биде потребно да ја купат нејзината книга која чини 990 денари.
По објавата на случајот на „Мета.мк“, студентите нè информираа дека професорката ја променила содржината на оваа порака, па во променетата верзија од пораката пишува „Во ред колеги ќе ја земете книгата како што се договоривме – тоа може да го направите на 17.06.2022, утре“.
Еден ден откако се обелодени случајот, како што посочуваат студентите, професорката не им дозволила да го полагаат закажаниот испит на кој отишле со подготвени макети и цртежи, сѐ додека не откријат кој од нив ја споделил пораката во јавност. Професорката, во разговор со новинарите на „Мета.мк“ најпрво даде изјава за случајот и ги потврди случувањата, но потоа се јави за да ја повлече изјавата. Таа рече дека била вознемирена и испитот го презакажала за друг ден. Исто така, демантираше дека услов за да добијат потпис е да ја купат нејзината книга.
Comments are closed.