Македонија Студенти на ФИНКИ и на ФФК засадија дрва на УКИМ

Студенти на ФИНКИ и на ФФК засадија дрва на УКИМ

Студенти од Факултетот за физичка култура и на ФИНКИ заедно со нивните декани, Вујица Живковиќ и Иван Чорбев, во дворот на кампусот на Универзитот „Свети Кирил и Методиј“ засадија дрвја откако претходно преставници од „Студентски пленум“ го блокираа влезот на ректоратот.

– Јас сум декан неколку месеци и не знам детали, но можам да ви кажам дека целата процедура за изградба на овие згради трае подолго време и дека се покриени сите законски и универзитетски процедури. На наставно-научните совети на обата факултета беше изгласана потребата од градба на зграда, како и дозволата финансиерот, во случајот буџетот на РМ преку МОН, да ја изгради таа зграда. Освен наставно-научните совети на двата факултети, тоа е поминато и низ ректорската управа и низ универзитетскиот Сенат – вели Чорбев, деканот на ФИНКИ,

Студентите од ФИНКИ велат дека ова не е контрапротест и дека не се против дрвјата туку дека сакаат изградба на нови згради за нивните факултети, за кои велат дека се во очајна состојба.

„Студентски пленум“ и Младинската организација „Мугра“ од утрово го блокираат Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, во знак на револт за исечените 47 дрвја, викендов, во кампусот на факултетите.

Во саботата екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ ги исекоа сите дрвја во паркот на Универзитетот, како подготовка на теренот за изградба на новите барокни згради за ФИНКИ и за ФФК.

Од „Студентски пленум“ велат дека Ректоратот ќе го блокираат до крајот на работното време и најавуваат дека со блокада ќе продолжат сè додека не се исполнат нивните барања.