Македонија Стружани бараат реконструкција на плоштадот и на Споменикот на револуцијата

Стружани бараат реконструкција на плоштадот и на Споменикот на револуцијата

Градоначалникот на Струга, Зијадин Села нема ништо против да се реконструира градскиот плоштад

Стружани бараат санирање на Градски плоштад и на Споменикот на револуцијата, на кејот на реката Црн Дрим. Спомен-обележјето е изградено пред повеќе децении, во чест на повеќе од 3.000 учесници во НОВ и во ПОМ на Македонија (1941 – 1945) и ги симболизира заедништвото и саможртвата на загинатите 335 борци и жртви на фашистичкиот терор од Струга и од Струшко, од кои 182 Македонци, 128 Албанци, 17 Власи, 4 Турци, 3 Роми и други.
Без интервенции во меѓувреме, спомен-обележјето изгледа доста грдо, напуштено, руинирано. Граѓаните опоменуваат дека Струга заслужува подобар плоштад, пред сè, поради туризмот, меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“, но и како катче каде се среќавале со своите пријатели за да се видат и да поразговараат. Денеска таа можност и задоволство им се одземени.
– Крајно време е плоштадот да се санира. Навистина е непријатна сликата што ја остава во најстрогиот центар на градот. Треба малку да се облагороди, а и да се заштити Споменикот на револуцијата кој е исправен пред временските непогоди – коментираат најчесто стружани.
Градоначалникот на Струга, Зијадин Села, нема ништо против да се реконструира Градски плоштад, заедно со Споменикот на револуцијата, за кој и самиот оценува дека е во очајна состојба. Но, тој упатува на неопходноста Министерството за култура, претходно, да даде дозвола за реконструкција, односно за санирање на споменикот.
– Треба да имаме добро уреден плоштад, а не плоштад кој е запоставен од Министерството за култура. Нема инвестиции за него и тој е руиниран. Иако јас имам волја, барем еден парк тука да се направи со тоа што би се зачувал и споменикот, сепак ни треба дозвола од Министерството за култура – додава Села.