Галерија Стотици граѓани излегоа на протестот „Колку чевли останаа неизносени“

Стотици граѓани излегоа на протестот „Колку чевли останаа неизносени“

Неколку стотини граѓани денеска се собраа пред Владата на Република Македонија на протестот насловен „Колку чевли останаа неизносени“, организиран од граѓанската иницијатива „Заслужуваме подобро“.

– И покрај дождливото време денеска, тука, пред Владата, се собраа неколку стотици граѓани и околу илјада рала чевли, за да го изразиме нашиот револт поради современиот егзодус, масовното иселувањето од Македонија. Тоа го покажуваат и податоците на Светската банка – вели Инес Ефремова од „Заслужуваме подобро“.

Од граѓанската иницијатива, проблемот со иселувањето го лоцираат во лошите владини политики кои придонеле за влошување на економската состојба, како и на севкупните општествени услови.

Насобраните граѓани, положувајќи ги чевлите на своите иселени најблиски пријатели и роднини, побараа власта да преземе мерки за подобрување на економската и на општествената состојба во земјата и на тој начин да го сопре масовното иселување од Македонија.