Дописници Стопанската размена меѓу Македонија и Унгарија надминува 150 милиони евра

Стопанската размена меѓу Македонија и Унгарија надминува 150 милиони евра

Македонија и Унгарија соработуваат во повеќе сфери, пред сè, во економијата, образованието и во науката, вели заменик-министертот за надворешни работи, Илија Исајловски.

– Интересот за соработка во економијата од двете страни е значително поголем, особено преку зголемената трговска размена, која, колку за илустрација, минатата година надмина 150 милиони евра. Во изминатите повеќе од 20 години, благодарение на посветеноста од двете страни и заедничките напори, со Унгарија изградивме цврсти пријателски односи, воспоставивме патнерска соработка во повеќе области и негуваме мошне активен и квалитетен политички дијалог, кој е изразен меѓу министрите за надворешни работи – додава Исајловски.

Во изминатите години склучени се дваесетина билатерални спогодби во областа на економијата. Со унгарска државна поддршка, од април 2017 година, повторно тргнува авионскиот сообраќај на релација Будимпешта – Скопје, кој може да претставува нова економска, пред сè, туристичка соработка помеѓу двете држави. Покрај туризмот, одлични можности за соработка има на полето на енергетиката, водостопанството, екологијата и на земјоделството.

Со меѓувладиниот договор за образовна, научна и за културна соработка, збогатена е соработката, меѓу другото, и на ниво на лекторати, заемно доделување стипендии и културна размена.