Економија Стопанска комора го предложи Кочо Анѓушев за вицепремиер за економски прашања

Стопанска комора го предложи Кочо Анѓушев за вицепремиер за економски прашања

Стопанска комора на Македонија и официјално го предложи бизнисменот Кочо Анѓушев за кандидат за заменик-претседател на владата задолжен за економски прашања, информираат од таму.

Во соопштението на Комората се вели дека Анѓушев е успешен македонски бизнисмен и претприемач, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, претседател на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) во рамките на Комората, основач и главен извршен директор на компаниите „Фероинвест“ и „EДС“, претседател на бордот на директори на „Брако“ и редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје.

„Реално, може да се очекува дека Анѓушев на оваа позиција во владата ќе даде значаен придонес во унапредувањето на деловната клима во државата и секогаш ќе се раководи од начелото на задолжителна консултација со бизнис-заедницата за сите клучни прашања што ги засегаат. Сето тоа произлегува од богатото практично искуство стекнато во долгогодишната работа на повеќе полиња од економскиот живот. Но, пред се од способноста и искуството за успешно менаџирање со капиталот и вработените, решителноста во креирањето на деловната политика во пресрет со предизвиците и ризиците, организационото и управувачко делување, како значајни аспекти што го красат еден врвен бизнисмен,“ велат од Стопанска комора.

Во него се додава дека Анѓушев е автор е на повеќе од 100 научни трудови објавени во меѓународни и домашни научни часописи и симпозиуми. Под негово водство се реализирани повеќе од 50 проекти во индустријата од областа на машинството и енергетиката.

Денеска со предлог-кандидат за вицепремиер за економски прашања излезе и Сојузот на стопански комори (ССК) и го предложија Александар Зарков, а Стопанска комора на Северозападна Македонија го предложија Неби Хоџа.