Главна секција Столтенберг во Белград: НАТО ќе ја прими Македонија штом го примени договорот...

Столтенберг во Белград: НАТО ќе ја прими Македонија штом го примени договорот со Грција

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска повтори дека примената на договорот со името со Грција е единствениот пат до членство на Македонија во НАТО и дека не постои друг начин, ниту план Б за прием на земјата во воената алијанса.

– НАТО е подготвена да ја прифати Македонија како 30 членка многу брзо по спроведувањето на договорот за името, но на граѓаните на Македонија и на нејзините демократски институции е дали тоа ќе го направат или не. Ние сме подготвени. Нема план Б, ни алтернатива за пристапување без договорот за името – рече Столтенберг во заедничкото обраќање до новинарите со претседателот на Србија, Александар Вучиќ после отворањето на вежбите за спасување во вонредни ситуации „Србија 2018“ во Белград.

Столтенберг рече и дека НАТО во целост ја почитува војната неутралност на Србија и повторно изрази жалење како што рече, за невините жртви во бомбардирањето од 1999 година.

– Минатото не можеме да го заборавиме, но можеме да идеме понатаму во иднината – рече Столтенберг и додаде дека партнерството ќе и донесе корист и на Србија и на НАТО.

Вучиќ рече дека Србија е воено неутрално и дека тој статус „љубоморно ќе го чува“, но дека тоа нема да го спречи да оствари добра соработка со НАТО.