Македонија Столтенберг доаѓа во Скопје на средби со државниот врв

Столтенберг доаѓа во Скопје на средби со државниот врв

Ова е прва посета на Генералниот секретар на НАТО на земјава, откако државата стана полноправна членка на Алијансата

Фото: НАТО

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски попладнево ќе го пречека Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој доаѓа во официјална посета на земјава. Ова е прва негова посета откако државата е полноправна членка на НАТО.

Според агендата за официјалната посета на Столтенберг, веднаш по церемонијата на пречекот е предвидена тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски, по што ќе следува билатерална средба на двете делегации.

Во составот на македонската делегација ќе бидат министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и амбасадорот на Северна Македонија во НАТО, Дане Талески.

Премиерот Ковачевски и Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, ќе одржат заедничка прес-конференција во медија центарот на Владата, во 16:30 часот.

Столтенберг во Скопје ќе се сретне со целиот државен врв – претседателот Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците.