Македонија Стојанче Ангелов влезе во МРТВ

Стојанче Ангелов влезе во МРТВ

Снимките од прислушуваните разговори што ги објавува опозицијата нема да се емитуваат на МРТВ поради препораките на Обвинителство, а генерал Стојанче Ангелов добил ветување дека ќе гостува во некое од следните изданија на централните вести на МРТВ. Ова е исходот од денешната средба на Ангелов со уредникот на информативната програма на јавниот сервис, Горан Петрески, јави „Нова ТВ“.

На барање на Ангелов, кој најави кривична пријава доколку не го примат на средба во телевизијата, тој денеска во 14 часот разговараше со Петрески.

Петрески посочил дека мора да ги брани интересите на јавниот сервис и затоа, додека трае забраната од Обвинителство да не се објавуваат „бомбите“ на опозицијата, тој нема да дозволи да се објават.

– Договоривме мое гостување во централниот дневник на МРТВ во следните денови и ми вети покривање на сите активности на нашата иницијатива за ослободување на МРТВ – посочи Ангелов.
Тој го повика Обвинителството да објасни врз основа на кој закон ја донел одлуката да забрани на медиумите да ги емитуваат снимките што ги објавува опозицијата.
– Го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да ја повлече забраната насочена, пред сè, кон МРТВ, со која ѝ се врзани рацете, а оттаму имам ветување дека веднаш по повлекување на оваа забрана, разговорите ќе бидат емитувани. Јавниот обвинител веднаш да си поднесе оставка, а обвинителите да не се плашат и да дадат позитивен одговор на нашето барање – рече Ангелов.