Ctrl - Z Стипендиите ќе подлежат на ревизија, ќе се делат на дефицитарните струки

Стипендиите ќе подлежат на ревизија, ќе се делат на дефицитарните струки

Периодов во Министерството за образование и наука (МОН) се прави анализа која треба да покаже кои струки се дефицитарни и на тие струки да се насочат стипендиите

Студенти на Економскиот факултет при УКИМ /Фото: Мета.мк

Стипендирањето студенти треба да стимулира упис на дефицитарни струки, па оттука и стипендиите на МОН веројатно ќе подлежат на ревизија, најави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Периодов во Министерството за образование и наука (МОН) се прави анализа која треба да покаже кои струки се дефицитарни и на тие струки да се доделуваат стипендии.

„Преку мултиресорски пристап ќе се фокусираме на креирање нови мерки и активности со кои ќе го намалиме заминувањето на квалификуваниот и високообразован кадар“, рече Јаневска на денешната седница на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетика на која се дискутирало за извештајот на Државниот завод за ревизија по однос на ефективноста на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри.

Таа кажа дека веќе разговара за промени со претставници на универзитетите, кои ќе значат и осовременување на студиските програми за да бидат интересни за младите. Најави и дека ќе се ревидираат квотите за упис на факултетите и ќе се види каков кадар недостига.