Главна секција Стево Пендаровски е консензуалниот кандидат на СДСМ и коалицијата за шеф на...

Стево Пендаровски е консензуалниот кандидат на СДСМ и коалицијата за шеф на државата

Стево Пендаровски е консензуалниот кандидат за шеф на државата зад кој застанаа СДСМ и коалиција, владината коалиција и неколку други партии. На двочасовната средба, премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, заедно со другите партиски лидери, рече дека сите застануваат зад Пендаровски.

– За прв пат во македонската историја различните застануваат зад еден кандидат. Застануваме сите зад Стево Пендаровски, натпартиски, европски, граѓански – пријател и претседател на сите и за сите граѓани на Република Северна Македонија. Изразувам голема благодарност за големината на другите наши кандидати фаворити. Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Никола Димитров и другите кандидати. Големи луѓе, локомотиви на Владата кои одлучија да одработат во Владата, за реформите, за граѓаните. Одлучија да дадат предност на над партискиот кандидат Стево Пендаровски, претседател којшто ќе биде претседател на сите граѓани подеднакво во нашата земја Република Северна Македонија – рече Заев по средбата со коалицијата.

Пендаровски стана кандидат по консултациите на Заев со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и со другите партиски лидери,.

Одлуката за неговата кандидатура ќе стане конечна в недела кога СДСМ ќе ја верификува на партискиот конгрес.

Пендаровски беше кандидат за претседател пред пет години кога изгуби од актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов.

Професорката Гордана Силјановска – Давкова е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

На Пендаровски и на Силјановска – Давкова во трката ќе се обидат да им  се придружат поранешниот директор на државниот архив Филип Петровски и поранешниот амбасадор Блерим Река поддржан и од Алијансата за Албанците и Беса.