Македонија Стејт департмент: Договорот од Пржино е најдобриот начин за излез од политичката...

Стејт департмент: Договорот од Пржино е најдобриот начин за излез од политичката криза

Американскиот Стејт департмент оцени дека Договорот од Пржино е најдобриот начин за излез од политичката криза во Македонија и ги повика политичките партии да ја продолжат неговата имплементација.

– Ги охрабруваме македонските лидери да го надградат напредокот што веќе го постигнаа со имплементирањето на политичкиот договор од 15 јули, кој, всушност, претставува најдобар начин за излез од кризата и за отворање пат за кредибилни избори во април идната година – изјави портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби, додавајќи дека партиите ги пробиле роковите за постигнување договор за законот за владата, за заштита на свиркачите и за заштита на приватноста.

Кирби рече дека македонските лидери минатиот месец направиле важен чекор со назначувањето на специјалниот јавен обвинител, но неопходно е да ѝ се обезбедат неопходните ресурси и персонал за да го исполни мандатот.

– Политичките партии не треба да влијаат или да ја блокираат работата на специјалниот обвинител – рече Кирби.

Стејт департментот, исто така, изрази надеж дека работните групи на политичките партии ќе ги продолжат разговорите, дека на прво место ќе ги стават државните пред сопствените интереси и оти ќе ја реафирмираат посветеноста на Македонија кон евроатлантските интеграции.