Дописници Средношколците немаат законска можност да учествуваат во креирањето на образованието

Средношколците немаат законска можност да учествуваат во креирањето на образованието

Средношколците се многу малку вклучени во процесот на носење одлуки во образовниот процес, затоа што тоа не им го дозволува законската регулатива, сметаат од Институтот за развој на заедници. Институтот денеска со група ученици организираше локална дискусија, на тема „Можноста за регулирање на учеството на средношколците во Законот за средно образование“. Не постои никаква рамка преку која организирањето на средношколците во носењето на законите би било регулирано, тврдат присутните.

– Засега формално-правно, преку Законот за средно образование, освен правото да се даде приговор на оцена од учениците, друга мерка не постои. Иако постои Унија на средношколци, нејзината последна активност е забележена во 2010 или 2011 година. За жал, за таа унија не можеме да дознаеме ни преку интернет. Само еднаш додоа изјава дека тие се согласуваат со екстерното тестирање, затоа сега ние бараме преку закон, средношколците да имаат право да го креираат образовниот систем – изјави Предраг Каранфиловски од Институтот за развој на заедниците.

Целна група на денешната дискусија од која ќе произлезат препораки се средношколците.

На локалните дискусии ќе се презентира компаративната анализа на учеството на деца и на млади во образовниот процес, ќе се престават европски практики, регионални практики и каква е моменталната ситуација. Ќе се претстави и анкета за учеството на средношколците во донесувањето на одлуките во образовниот процес и како може да се подобри состојбата во овој поглед.

Локална дискусија за учеството на срендошколците во образовниот процес ќе се одржи и утре, во Тетово, каде ќе учествуваат родители и просветни работници.