Македонија Средба Османи – Пич: Обединетото Кралство е посветено на безбедноста и стабилноста...

Средба Османи – Пич: Обединетото Кралство е посветено на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан

Извор на фотографија: МНР

Министерот за надворешни работи Бујар Османи се сретна со специјалниот пратеник на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, надлежен за Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич, кој е во прва работна посета на нашата земја, информираат од Министерството за надворешни работи (МНР).

„Соговорниците разменија мислења за актуелните внатрешно – политички состојби во земјава, но и во регионот, како и за можностите за соработка со Обединетото Кралство за темите од заеднички интерес меѓу двете земји“, се наведува во соопштението на МНР.

Османи го запознал специјалниот пратеник Пич за спроведувањето на реформите од европската агенда, со посебен акцент на обновениот дијалог со соседна Бугарија и воспоставувањето на солидна основа за јакнење на довербата и соработката во клучните сектори од интерес и унапредувањето на добрососедските односи.

Двајцата соговорници се осврнале и на безбедносните предизвици со кои се соочува Регионот на Западен Балкан. Притоа, специјалниот пратеник Пич ја реафирмирал силната посветеност на Обединетото Кралство во овој регион и неговата улога во процесот на одржување на безбедноста и стабилноста на Западниот Балкан.

„Традиционалното пријателство и партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство во изминатите три децении се рефлектира преку интензивен политички дијалог и одлична трговска и секторска соработка, коja ќе се надградува понатаму со можностите кои ги нуди Билатералната Спогодба за трговија, партнерство и соработка меѓу нашите две земји. Постои висок интерес за јакнење на силните трговски релации, при што Обединетото Кралство продолжува да биде нашиот втор најголем трговски партнери еден од најголемите странски директни инвеститори во нашата земја“, соопштуваат од МНР.