Дописници Србиновски: Mи прават притисок за да ќарат поени кај земјоделците

Србиновски: Mи прават притисок за да ќарат поени кај земјоделците

„Чисти лаги и измислици“, вака раководителот на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Битола , Илија Србиновски-Шате, ги оценува обвинувањата и поднесувањето кривичната пријава против него од дополнителниот заменик-министер, Љупчо Николовски.

– Ми прават политички притисок или, ако сакате, хајка против мене и моето семејство, бидејќи сакаат да добијат поени кај земјоделците во пелагонискиот регион. Но, јас со децении, од 90-тите години сум меѓу земјоделците како претседател на изборната единица на партијата и тие се задоволни од политиките на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата. Јас секој ден сум со земјоделците во 85 села и ги знам нивните маки од црните денови кога владееше СДСМ. Затоа земјоделците нема да ги прифатат лагите на СДСМ – вели Србиновски.

Што се однесува до обвинувањата дека неговото семејство било вработено во подрачната единица, Србиновски вели дека снаата уште во 2007 година била вработена на конкурс, додека, пак, синот работи во Хиродрометеоролошкиот завод во Битола.

– Што сè не се изнаслушавме за мојата фамилијa, синот и снаата работат за плата од 13.000 денари и сè што се зборува е лага – вели Србиновски.

Тој демантира дека неговата сопруга има регистрирано фирми, туку тврди дека таа е регистриран земјоделец-поединиец и дека сè што работи досега е регуларно потврдено со договори од Министерството за земјоделство, во што, вели, може да се направи увид.