Свет Балкан Србија и Унгарија ќе му предложат на регионот да се приклучи кон...

Србија и Унгарија ќе му предложат на регионот да се приклучи кон изградбата на брза пруга

Српскиот министер изјави дека оваа иницијатива се совпаѓа со иницијативата Отворен Балкан и дека кога станува збор за железничкиот сообраќај, може да биде еден вид „Отворен Балкан Плус“

Виктор Орбан и Александар Вучиќ на пуштањето во употреба на пругата Белград-Нови Сад; Фото: Инфраструктура Железнице Србије ад;

Србија и Унгарија ќе ги поканат Северна Македонија, Албанија, Грција, Бугарија и Турција да се приклучат кон изградбата на брзата железница во регионот, која за почеток ќе ги поврзува Будимпешта и Белград, а подоцна и Ниш и Прешево. Ова денеска од Будимпешта го соопшти српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ по средбата со унгарскиот колега Лазар Јанош, пренесува Танјуг.

Весиќ рече дека на средбата во Унгарија се разговарало за продолжување на брзата пруга кон Ниш, а потоа и кон македонската граница.

„Се договоривме заеднички да потпишеме иницијатива и да испратиме покана до министрите за транспорт на Турција, Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Грција и да разговараме за продолжување на брзата пруга кон Албанија, односно преку Северна Македонија кон Грција и преку Бугарија кон Истанбул, како брзата пруга навистина би добила смисла и би ги поврзала нашите две земји и со турскиот и грчкиот брег за патнички и товарен сообраќај“, истакна Весиќ.

Српскиот министер за Танјуг изјави дека оваа иницијатива се совпаѓа со иницијативата Отворен Балкан и дека кога станува збор за железничкиот сообраќај, ова може да биде еден вид „Отворен Балкан Плус“.

Србија и Унгарија заеднички ќе градат три железници и ќе ги поврзуваат подобро нивните автопатски врски. Покрај брзата пруга Белград – Будимпешта, ќе бидат изградени и пруги на релации Суботица – Сегедин и Суботица – Баја.