Македонија Справувањето со енергетската криза главна тема на посетата на Ковачевски во Софија

Справувањето со енергетската криза главна тема на посетата на Ковачевски во Софија

Премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Галаб Донев | Фото: Влада на РСМ

Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во рамки на работната посета во Софија, Бугарија, попладнево оствари средба со бугарскиот премиер Галаб Донев, на која главна тема на разговор било справувањето со предизвиците на светската енергетска криза.

„Ако пред две години се соочувавме со пикот на пандемијата која го затвори светот и со недостиг на вакцини, годинава се соочуваме со нова криза, а тоа е недостиг на електрична енергија и големи проблеми за граѓаните и стопанството“, истакна Ковачевски на прес-конференцијата по одржаната средба.

Тој рече дека со соседна Бугарија се обидуваат да најдат решение за снабдување со електрична енергија во текот на четвртиот квартал од оваа година и првиот од следната, под услови што ќе бидат оптимални за стопанството.

„Прво, се договоривме заедно со Република Бугарија да формираме веднаш во среда работна група составена од Министерот за економија на нашата држава, Министерот за енергетика на Република Бугарија, како и ЕСМ и другите компании во рамки на Република Бугарија каде што ќе се разговара за техничките параметри во однос на капацитетите и транспортот на електрична енергија. Во однос на цените кои ќе треба да бидат дефинирани согласно легислативата на Република Бугарија согласно директивите на Европската Унија и нормално согласно легислативата на Република Северна Македонија“, истакна македонскиот премиер.

Ковачевски додаде дека се разговарало и за количините кои се потребни кај нас со оглед на тоа дека Бугарија е извозник на електрична енергија, како и за поврзувањето со нов интерконектор за течен гас.

Премиерот смета дека во наредните две недели ќе се постигне решение кое ќе биде од заеднички интерес за стопанствата на двете земји.