Дописници Споменикот на Александар во Штип бил исправен, покажала контролата

Споменикот на Александар во Штип бил исправен, покажала контролата

Споменик на Александар Македонски во Штип

Вчерашниот инцидент, кога врз 12-годишно дете падна тешка мермерна плоча од постаментот на споменикот на Алексаднар Македонски на плоштадот во Штип, го отвори прашањето кој треба да се грижи за одржувањето на спомениците. По поминатата ноќ на хируршкото одделение, детето претпладнето е пуштено на домашно лекување. Констатирани му се полесни повреди.

Споменикот е висок пет и половина метри. Според информацијата од Општината, обврска на адиминистрацијата е еднаш годишно да се врши проверка на состојбата на спомениците. Овој, на Александар Македонски, е проверен на почетокот од годината. Било констатирано дека е во добра состојба.

– Во 2012 година, со реконструкцијата на плоштадот, избраниот изведувач на работите, компанијата „Бетон“ од Штип, го премести споменикот од средината на плоштадот кон еден од надворешните агли. Надзорот на работите тогаш немал забелешка на изведбата – велат од Општината.

По вчерашниот инцидент, Општина Штип ја задолжила истата компанија, „Бетон“, да ја прицврсти падната мермерна плоча и да го обезбеди споменикот.

Споменикот на Александар Македонски го следеа неколку контроверзии од моментот на поставувањето. На почетокот, пред осум години, обележјето беше поставено на диво, па подоцна општинскиот Совет, со одлука, го легализираше. Поставувањето на споменици во државата тогаш не беше модерно, па имаше дилеми околу заземањето на просторот на, и онака, не многу пространиот штипски плоштад. Следуваше дислокација на споменикот пред две години и, конечно, Александар Македонски заврши на ќошот од стеснетиот плоштад.

В.К.