Македонија Спасовски: Со писмото Иванов си бара оправдување пред себе и пред јавноста

Спасовски: Со писмото Иванов си бара оправдување пред себе и пред јавноста

Иванов не може да го спаси Груевски преку кршење на Уставот, а Груевски не може да се спаси од одговорност преку провоцирање насилство и создавање поделби помеѓу граѓаните, изјави денеска на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски.

Тој уште еднаш го повика претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да му го даде мандатот на СДСМ за формирање влада.

– Граѓаните се длабоко загрижени. Домашната и меѓународната јавност испратија многу сериозни предупредувања. Груевски и Иванов да не си играат со оган и да не предизвикуваат атмосфера на омраза и конфликт во Македонија – рече Спасовски.

Прашан како СДСМ го коментира денешното писмо на Иванов до Европскиот совет, САД, НАТО и до Турција, Спасовски рече дека нема како поинаку да се коментира, „освен како едно оправдување кое си го бара претседателот пред себе и пред македонската јавност“.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече и дека СДСМ прави сè да не дозволи да ескалира состојбата, поради тоа што ескалацијата најмногу ќе ѝ одговара на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиното раководство и дека „доделувањето на мандатот за формирање на владата ќе значи прв чекор кон решавање на кризата и кон намалување на тензиите“.