Дописници Спасовски: Не можеме да ги разлабавуваме мерките, а граѓаните да не ги...

Спасовски: Не можеме да ги разлабавуваме мерките, а граѓаните да не ги почитуваат

Неодредено, без детали премиерот Оливер Спасовски одговараше на новинарските прашања денеска во Штип а кои се однесуваа на разлабавување на мерките, на укинување на вонредната состојба и отворањето на границите.

Според Спасовски, до крајот на неделата ќе се направи проценка дали ќе се укине вонредната состојба која завршува во сабота.

По изминатиот продолжен викенд и очигледното непочитување на заштитните мерки и прописи од страна на дел од граѓаните, Спасовски рече дека одговорноста е во секој граѓанин.

„Граѓаните мора да ја кренат свесноста на повиско ниво, во време кога разговараме за подигнување на мерките. Едноставно, државата не може да живее постојано под рестриктивни мерки. Имаме состојба во која здравствениот систем функционира, состојба во која здравствениот систем може да одговори на сите потреби и врз основа на тоа ги носиме одлуките за разлабавување на рестриктивните мерки,“ рече Спасовски.

Во однос на најавата од угостителите дека денеска попладне ќе пуштаат музика за да ја потсетат власта дека постојат, Спасовски одговори дека тие добиле минимални плати и платени придонеси што покажува дека државата најмногу внимавала и на угостителите.

„Ние ќе носиме план со кои ќе се разлабават сите овие мерки, ама тоа ќе оди со стриктно почитување на мерките од страна на граѓаните. Ние не можеме од една страна да ги разлабавуваме мерките, а од друга страна преку непочитување на заштитните мерки да го зголемуваме ризикот. Меѓутоа, тој ризик, треба да си го сподели секој еден граѓанин во државата,“ додаде Спасовски.